Петар Печков
Објавено: вторник, 26 февруари 2013
Во годишниот извештај на велешката полиција нотирани се два сериозни проблеми, кои ги тиштат граѓаните, пуштање гласна музика и работење надвор од законски пропишаното за угостителите.
Констатирани се седум прекршоци за гласна музика исто колку и во 2011-та а поднесени се соодветни пријави. Најголемиот број нарушувања на јавниот ред и мир во угостителските објекти, според полицијата се случувале во кабаре „Ноктурно„ и „Импакт„ во Велес, како резултат на прекувремената работа, конзумирање на алкохолни пијалоци, гостување на пејачи и присуството на лица познати нарушители на јавен ред и мир, додека битно е намален бројот на наручувања на ЈРМ во „Булевар„ во Градско и „Два галеба„ во Чашка. Над овие објекти во текот на годината бил засилен полицискиот надзорот.
Во текот на лани најмногу поплаки од граѓаните, полицијата регистрирала поради работењето подолго од законски предвиденото време и реметење на ЈРМ со гласна музика од страна на угостителските објекти Болетус и Лаиф кафе, и реметење на ЈРМ со гласна музика од страна кафе баровите „Пјур„ „Мурано„ и „Аквариус„.
Секој викенд во текот на годината со фонометар се мерело нивото на штетната бучава која ја причинуваат угостителските објекти и за констатираните состојби поднесувани се соодветни пријави. Зголеменото присуство на полициски службеници на терените (први и четврти) каде се лоцирани угостителските објекти и градскиот базен, како и почестите контроли во овие угостителски објекти, довело до одржување на бројот на нарушувања на ЈРМ во истите на ниво од претходните години.
Tweet |